
Влатко Лозаноски - Лозано е роден 27.06.1985 година во Кичево, Република Македонија. Основно училиште завршува во родното Кичево, а потоа се запишува во средно музичко училиште во Битола, теоретски отсек. Образованието го продолжува во Скопје на факултетот за музичка уметност. Уште како дете знаел дека музиката ќе биде неговата најголема љубов и животна определба. Свири на пијано, хармоника и гитара.
Со широка популарност се здоби по учеството во ТВ шоуто „Мак Ѕвезди“ (септември 2007 – мај 2008) во кое на крајот го освои третото место, а публиката имаше можност да го запознае неговиот раскошен глас и неверојатен талент.
Во јуни 2008 г. првиот сингл „Врати ме“ му донесе убедлива победа и награда Гран При на првиот Македонски Радиски Фестивал наречен „Ѕвездена ноќ“. Потоа следеше хитот „Обичен без тебе“, а октомври 2008 г. го одбележа огромен успех, победа на еден од најпрестижните музички фестивали во Македонија, „Макфест“ со „Времето да застане“. Оваа песна му ја донесе на Лозано и наградата за најдобар дебитант од стручното жири.
Следниот сингл на Лозано „Сонце не ме грее“ станува негов најголем хит, кој беше и официјално прогласен за македонски радио хит на годината освојувајќи го првото место на Македонскиот Радиски фестивал во ноември 2008. Долго време беше на врвот на радио и телевизиските топ листи. Видео записот за „Сонце не ме грее“ е еден од најгледаните на интернет порталите, а песната е препеана и од популарни пеачи во Грузија и Бразил.
Во февруари 2009 Лозано учествуваше на фестивалот Скопје – национален избор за Песна на Евровизија. Песната „Блиску до мене“, која се пласираше на четвртото место, стана уште еден голем хит кој на крајот на годината ја освои наградата за трета најслушана песна во Македонија за 2009 г. на Македонскиот Радиски Фестивал.
Летото помина во знакот на интернационални музички фестивали. Лозано ја восхити публиката со извонредната интерпретација на баладата „Душо варљива“ на фестивалот „Пјесме Медитерана“ во Будва, Црна Гора. Во јули 2009 г. блесна на реномираниот фестивал „Славјански Базар“ во Витебск, Белорусија и во силна конкуренција на пеачи од повеќе европски држави го освои второто место. Истата година на фестивалот „Златни крилја“ во Молдавија настапува во дует со Магдалена Цветковска и ја освојуваат втората награда, додека Лозано е прогласен за најдобар машки вокал. На радост на бројните фанови, во почетокот на 2010 г. е издаден првиот албум „Лозано“ на кој се најдоа хитовите како „Сонце не ме грее“, “Блиску до мене“, „Нема да е крај на свет“, но и четири нови песни. Лозано се јавува како автор на две од нив („Очи што тајни кријат“ и „За кого ти е срцето“).
Лозано ја продолжува успешната соработка со Лазар Цветкоски, кој ја потпишува како композитор и аранжер романтичната „Летам кон тебе“. Оваа песна го освои четвртото место на фестивалот Скопје 2010. и многу брзо го најде патот до широката публика и вон границите на нашата земја. Во јули 2010 г. Лозано настапуваше на интернационалниот телевизиски фестивал „Песни на морето“ во Севастопол, Украина заедно со најдобрите млади пеачи од 17 држави. По изведбата на „Летам кон тебе“ и “This Love”се пласираше меѓу најдобрите пет изведувачи, за во финалната вечер да го освои четвртото место. Со исклучителниот музички талент и интерпретација Лозано ги воодушевува и публиката и критиката. Интересно е што тој е познат и по одличната изведба на стари македонски народни песни кои многу ги цени како дел од нашата традиција и културно наследство.






„Нема ден, нема ноќ
15.05.2012„Нема ден, нема ноќ да не мислам на тебе кога лето доаѓа, те сакам ти
признавам“ се стиховите од рефренот на новата песна на Влатко Лозаноски-
Лозано со која тој по едногодишна пауза се враќа на македонската музичка
сцена. Песната која е во забавен реге - ритам е авторско дело на Лазар
Цветкоски, а текстот го напиша Милан Миланов. Режисерот Даниел Јовески и
неговата „Сустејн продукција“ изминативе два дена на неколку локации во
Охрид, меѓу кои е луксузната вила „Александар“ и плажата „Куба Либре“ сними
интересна видео приказна за новата песна на Лозано, со поддршка од новата
продукциска куќа на поп-пејачот.
- „План Б Продукција“ се прошири со уште едно квалитетно музичко име.
Влатко Лозаноски е дефинитивно најдобриот машки вокал во Македонија, а ние,
како продукција која е во постојан раст и развој, веднаш започнавме со
реализација на веќе потпишаниот договор. Имаме богата агенда за Влатко, а
за старт на соработката снимивме и видео запис за неговиот нов сингл „Нема
ден, нема ноќ“ – изјавуваат од „План Б Продукција“.
- Со оглед на тоа што одговорните од „План Б Продукција“ веќе неколку
години се активни на македонската сцена и имаат изреализирано неколку
албуми и концерти на мои колеги, сметам дека станува збор за професионалци
кои си ја знаат својата работа. Не се сомневам во успехот на заедничката
соработка која штотуку ја започнавме бидејќи јас лично сум подготвен да ги
следам нивните менаџерски инстинкти - вели Лозано.
Новата продукциска куќа на Влатко отсега ќе биде одговорна за сите негови
музички активности кои следуваат. Најновиот сингл „Нема ден нема ноќ“ во
среда ќе биде пуштен во радио етерот, а истиот ден во рамките на естрадниот
магазин „Бекстејџ“ премиерно ќе биде емитуван и новиот видео запис.
Лозано го крши мразот во Македонија!
23.03.2012
За прв пат кај нас, музичка ѕвезда во улога на заштитно лице на бренд и стилист на еден ден.
Влатко Лозаноски Лозано и OVS во заедничка кампања „ШОПИНГ МАНИА СО ЛОЗАНО & OVS” со цел, поблиску до своите фанови и верни купувачи.
На 24.03.2012 година со почеток во 12:00 часот па се до 16:00 часот верните фанови на Лозано ќе имаат можност за дружење со него, за фотографирање, модно советување, добивање на попуст од 10% па се до 30%, во зависност од висината на сметката. Исто така оние најсреќните ќе можат да пијат кафе со Лозано во новото кафуле кое се наоѓа веднаш над самата OVS продавница, поточно во UP Café, кафулето кое се отвора утре, а самата тераса овозможува супер релаксација и одличен поглед кон Плоштад Македонија.
Идејата на целиот настан е промовирање на најновата пролетна колекција на брендот, за која што во текот на месецов беше изработена професионална фотосесија со Лозано, во организација на тимот на OVS, а направена од страна на Марко Марковски. Исто така во текот на кампањата по повод овој настан, OVS се одлучи да ги награди своите верни купувачи со картички со попуст, потпишани и подарени од страна на Лозано. Од 24 март па се до 30 март со секоја направена сметка ќе се добива одреден попуст (картички со попуст со фотографија од Лозано и со потпис од него), во зависност од висината на сметката. Картичките ќе можат да се искористат се до 08.04. 2012 година, во продавницата на OVS и претставува дел од мрежата на 1.000 продавници низ целиот свет.
УЖИВАЈТЕ.
Лозано со Андроид Апликација
27.02.2012Сите оние кои што имаат SMART телефони и кои поддржуваат ANDROID оперативен систем, може да ја симнат БЕСПЛАТНО најновата апликација LOZANO - VLATKO LOZANOSKI.
Тука ги иma сите песни, слики, видео спотови, новости, иинформации, социјални мрежи итн...
УЖИВАЈТЕ.
Лозано го има радискиот хит на годината!
26.06.2011Влатко Лозаноски - Лозано со прекрасната тема "Кога мене ќе ме немаш" триумфираше на четвртиот по ред Македонски радиски фестивал - МАРС 2011, во конкуренција во која беа уште 14 топ-хитови од актуелнава година!
За наградата Радиски хит на годината гласаа претставниците од 12 македонски радио-станици, плус гласови од телевоутинг.
Прекинато снимањето на спотот на Влатко Лозаноски
26.06.2011Со роденденската Happy Birthday и торта со свеќички, најблиските соработници и пријатели на Лозано кои беа присутни во Музичкото Училиште „Тодор Скаловски “ во Тетово каде се снимаше последната сцена од спотот за „Кога мене ќе ме немаш“ го изненадија пејачот за неговиот 26-ти роденден.
Снимањето започна ден претходно во хотелот Арка каде беа снимени неколку провокативни сцени на двајцата протагонисти кои покрај Лозано ги играат главните улоги во ова видео парче. Приказната продолжи на хиподромот Дона во Радишани, а пред да се упатат кон Тетово, екипата на Рец продукција сними и неколку сцени во центарот на Скопје.
- Љубовна приказна со разочарувачки крај, така би го опишал целото дејствие во мојот нов спот- изјави Влатко.
„Кога мене ќе ме немаш“ е авторско дело на Лозано, чиј текст го напиша неговата сестра Марија Лозаноска, а за аранжманот се погрижи Лазар Цветкоски.
Видео записот ќе биде промовиран за десетина дена.




Лозано стана заштитно лице на Диоптра Оптикс
17.06.2011Новата песна „Кога мене ќе ме немаш“ беше само доказ дека нашиот најдобар машки вокал Влатко Лозаноски- Лозано продолжува со своите активности. На негово огромно задоволство но и на задоволство на менаџментот на Диоптра Оптикс, денеска беше потпишан договор за соработка со кој Лозано стана нивно заштитно лице.
- Ми претставува огромна чест и задоволство што од денеска сум заштитно лице на еден ваков бренд. Диоптриските очила се дел од ммоето секојдневие, а нивниот естетски изглед навистина ми значи многу. Во Диоптра Оптикс најдов се што барав- изјави Лозано.
И од менаџментот на Диоптра го истакнаа своето задоволство за оваа соработка
- Одамна го забележавме Лозано како скромно момче кое знае со стил да ги носи диоптриските очила. Затоа се одлучивме тој да биде нашето ново заштитно лице кое често ќе го гледате со диоптриски, но и очила за сонце од брендовите Police и Zegna, кои ги имаат најтрендовските модели.
Веднаш после потпишувањето на договорот за соработка, фотографите Ани и Дими изработија фотосесија на Лозано со новите очила.
ПО ЦЕЛИ ДЕВЕТ МЕСЕЦИ ЛОЗАНО СО „КОГА МЕНЕ ЌЕ МЕ НЕМАШ“
16.06.2011Прекрасниот вокал на Влатко Лозаноски преточен во темата „Кога мене ќе ме немаш“ создадена од Лозано, а со текст на неговата сестра Марија Лозаноска, е само најава за негови нови активности на македонската музичка сцена. Ако за музиката и текстот се погрижи семејството Лозаноски, задачата околу аранжманот и комплетната продукција и за оваа песна беше на постојаниот соработник на Лозано- Лазар Цветкоски.
- Секогаш сум искрен со својата публика, затоа ќе ви кажам само дека бев ,„отсутен,“ цели девет месеци за комплетно да се посветам на снимањето на песните за мојот нов албум, кој ќе излезе кон крајот на годинава.
Тука сум, секогаш сум бил тука за вас, па така ви најавувам и неколку соработки во периодов кој следува со големи музички имиња од македонската сцена, но и од соседството - ни изјави Лозано.
Деновиве Лозано ќе ја работи и својата нова фотосесија заедно со познатите фотографи Ани и Дими, а веќе наредната недела ќе снима и видео запис за „Кога мене ќе ме немаш“ па на тој начин, со музика и слика, ќе ни овозможи комплетно уживање.